За Нас

Советот на млади е советодавно работно тело на Советот на Општина Битола кој е основан со цел активно вклучување на младите во јавниот живот на Општина Битола преку предлагање на иницијативи за прашањата кои ги засегаат младите на подрачјето на општина Битола.
Млади се жителите на општината на воздраст од 15 до 30 години живот согласно Националната стратегија за млади на Владата на РМ. Советот на млади го сочинуваат 9 члена. Членовите на Советот на млади можат да бидат предложени од невладини организации и здруженија на млади, ученички организации, студентски организации и други регистрирани субјекти кои ги опфаќаат младинските категории.
Советот на млади во општината поднесува предлози до Советот на Општина Битола за идентификувани проблеми на младите на локално ниво и начини за нивно можно решавање.

Пред Вас е „Стратегијата за млади“ која претставува документ за застапување и поддршка на младинските организации и организации кои работат со млади, како и оние кои не членуваат во некоја структура, да се посветат на подобрување на младинските интеракции преку ангажирање во заедницата, обука на јавната администрација, теренски програми за млади и проактивна употреба на мулти-дисциплинарен пристап кон проблемот. Преку оваа стратегија која заедно ја создадовме, вложуваме во процесот да се изградат и зајакнат односите меѓу Општина Битола и младите како и младинските организации.


Соработката помеѓу младите и влијанието на младите во сите области на јавната политика, како и соработката во креирањето политики е многу важна за да се постигне целосна вклученост на младите. Во контекст на последново, младите луѓе, треба да бидат во можност да се искажат во структуриран дијалог со институциите при што заедно ќе можеме да ги идентификуваме и решаваме проблемите на младите. Обемот на оваа рамка треба да се прошири и да достигне до младите луѓе со помали можности, за што сите чинители во овој процес искрено се залагаат.
Нашата визија е до 2019 година Општина Битола да има овозможено активна соработка и вклучување на младите (на возраст од 16 до 25 години) во локалните политики, преку низа мерки кои заедно се дефинираа со младите.

Меѓу нашите стратешки цели се и воспоставување на дијалог помеѓу општината и младите преку институционален развој за младински прашања и создавање на локален младински совет, поттикнување на младинскиот активизам и учество на младите во општеството, овозможување на логистичка и програмска поддршка, како и зголемена достапност на неформално образование во средните училишта и секако интервенции во пазарот на труд со цел поддршка за вработување на младите.

Powered by themekiller.com